Во животот доаѓаат моменти кога нешто тивко ни шепоти: ова не е во ред. Однадвор можеби сè изгледа нормално, дури и убаво… но внатре почнува да тлее чувство кое не дава мир.
Така се чувствував и јас. Долго време не знаев како да го наречам тоа. Дали сум само преосетлива? Дали со мене нешто не е во ред? Претерувам?
Но срцето не лаже. И длабоко во себе знаев – тука нешто не штима.
Тоа чувство ме поведе на пат на истражување. Почнав да читам, да слушам, да барам одговори. Зборови како „манипулација“, „нарцизам“, „контрола“, „емоционално уценување“ одеднаш станаа блиски. Во нив се препознав себеси. Болна вистина. И истовремено олеснување – затоа што конечно не беше сè само во мојата глава.
Тоа истражување не беше лесно. Секоја нова информација откриваше нов дел од мене, од другите, од односите во кои сум живеела. Но токму од таа болка се роди моќ. И одлука: никогаш повеќе да не го игнорирам внатрешниот глас што вели ова не е љубов.
Ова е почетокот на новата рубрика – „Препознај манипулација“ – каде ќе споделувам делчиња од сознанија кои ми помогнаа да разберам, да заздравам и да станам посилна. Не за да откривам детали. Туку за да отворам простор – можеби некој друг ќе се препознае. Без срам, само тивка сила на оние што преживеале… и се разбудиле.

Напишете коментар