VMESNI SVETOVI

Ознака: #StopFemicide #EndViolenceAgainstWomen #NoMoreSilence #HerVoiceMatters #JusticeForWomen #BreakTheSilence

  • Кога реченицата „Ако не си со мене, нема да бидеш со никој“ станува реалност

    Овој настан во Велес ме потресе.
    Повторно сме сведоци на фемицид: бившиот дечко ја уби својата поранешна партнерка и нејзиниот татко. Пред тоа повеќепати ја малтретирал, ѝ се заканувал, дури и го запалил автомобилот на нејзиниот татко. На денот кога конечно доби забрана за приближување, тој ја уби.

    И повторно ги слушам коментарите: „Зошто не гледала со кого се вплеткува?“
    Како таа да имала моќ да ја види иднината.
    Како одговорноста за неговото насилство да е нејзина.

    Фемицидите не се реткост. На Балканот речиси секој месец има нова трагична приказна.
    А најстрашно е што реченици како:

    „Ако не си со мене, нема да бидеш со никој.“

    „Ќе бидеш моја или мртва.“

    „Без мене не постоиш.“


    станаа нормален дел од секојдневието.
    Жените ги слушаат, околината ги игнорира, институциите често реагираат предоцна.

    Но овие реченици не се наивни зборови.
    Тие се алармантни сигнали, црвени знамиња што кажуваат дека партнерот не гледа љубов, туку сопственост.

    Нарцизам и контрола

    Ова е лицето на нарцисот и манипулаторот:
    Прво те идеализира, потоа те контролира, па се заканува, и на крај – уништува.

    Во овој случај најверојатно стануваше збор за малигнен тип нарцис, со социопатски или дури психопатски црти. Таков човек не познава граници, бидејќи за него жртвата не е личност – таа е сопственост.

    Кога жената ќе реши да си замине, во него се буди бес – бес кој општеството често го потценува.
    И кога следниот пат некој ќе се чуди како нарцис може да делува без емпатија, да те повреди, нека се сети на овој и слични примери.
    Толку се чести, што речиси секој знае барем еден таков случај.

    Овој настан ме потсети дека на Балканот сè уште ја обвинуваме жртвата, а не сторителот.
    Дека сè уште велиме: „Зошто не пазела?“ наместо „Зошто тој уби?“

    Затоа ќе зборувам.
    Секогаш.
    За секоја што не беше слушната.
    За секоја што пријавила, а останала без заштита.
    За секоја што денес е сè уште жива, но нејзиниот внатрешен глас веќе ја предупредува.

    Мојот блог не е против мажите.
    Тој е за жените.
    За нивните гласови, нивната сила, нивното право на живот без страв.