VMESNI SVETOVI

Нарцисичниот родител и потребата од контрола

Зошто го контролира своето дете

Нарцисичниот родител не го гледа детето како посебно, уникатно суштество,
туку како продолжение на себе– како огледало што мора да ја потврдува неговата вредност.
Затоа детето нема дозвола да биде свое.
Кога ќе изрази мислење, желба или личност, нарцисот тоа го доживува како закана,а не како природен дел од растот.

Бидејќи нарцисичниот родител во себе чувствува страв, празнина и немоќ,тој обидувајќи се да ја задржи илузијата за контрола,
го пренесува тој страв врз околината – најчесто врз своето дете.
Така создава лажен свет во кој „сè држи под контрола“,
иако во суштина бега од сопствената внатрешна нестабилност.

Како изгледа таа контрола

Контролата не секогаш изгледа како викање или строги правила.
Често е облечена во форма на „грижа“ или „воспитување“.

Родителот одредува:

– со кого детето ќе се дружи,
– што смее да мисли,
– како треба да се облекува,
– што мора да студира,
– кого треба да почитува,
– па дури и кого треба да сака.

Сè што детето прави „по свое“, родителот го доживува како бунт.
Следат критики, срам, вина или тивка казна.
Понекогаш и целосно повлекување на љубовта –
сè додека детето повторно не стане послушно.

Нарцисичниот родител често вели:
„Јас само сакам најдобро за тебе.“
„Ако навистина ме сакаш, ќе направиш како што велам.“
„Ти не знаеш уште да одлучуваш, јас ќе решам.“

Но вистината е дека не сака да го заштити детето –
туку сака да ја задржи контролата.

Како детето го доживува тоа

Детето под контрола на нарцис не чувствува љубов,
туку страв од губење на љубовта.

Верува дека наклонетост заслужува само ако е совршено, тивко и послушно.

Така учи да:
– ги потиснува своите мисли,
– угодува за да преживее,
– избегнува конфликт дури и кога ќе порасне.

Нарцисичната контрола создава возрасна личност што:
– не си верува на своите одлуки,
– се извинува за своите чувства,
– постојано бара надворешно одобрување,
– и се плаши дека ќе биде одбиена ако биде премногу „јас“.

Како тоа влијае во зрелоста
Кога детето на нарцис ќе порасне, во себе сè уште го слуша тој глас:
„Не смееш. Не знаеш. Не вредиш доволно.“

Тој внатрешен критичар станува внатрешен контролор.

Возрасното дете на нарцис често не знае да каже „не“,
зашто секоја самостојна одлука во него буди чувство на вина.
Наместо мир, повторно бара односи каде што постои контрола –
бидејќи тоа е единственото што го познава.

Но кога еднаш ќе сфати дека контролата не е љубов, туку страв, може да почне да ја гради својата внатрешна сигурност.

Да почне да го слуша својот глас, да избира за себе и да се ослободува.

Нарцисичниот родител не воспитува – тој обликува.
Детето не живее – туку преживува.
А моментот кога тоа дете ќе порасне и ќе ја спознае вистината,
е моментот кога конечно почнува да живее по свое.

Коментари

Напишете коментар