Пред неколку дена, мојот 14-годишен син ме праша:
„Кога почна да пиеш кафе? Се сеќаваш ли како се чувствуваше првиот пат?“
Со насмевка на лицето му раскажав дека почнав да пијам кафе во средно училиште. По часовите одевме со соученичките во кафулињата и пиевме кафе — најмногу затоа што така се чувствувавме повозрасни.
Но синот инсистираше: сакаше да слушне како точно сум се чувствувала при првата голтка.
Додека му раскажував, како да влегов во времеплов и се вратив во деновите на моето детство.
Пред очи ми се појави девојче — јас — на иста возраст како што е сега тој. Варев кафе за мојата баба, дедо и уште пет-шест повозрасни луѓе. Внимателно го носев послужавникот со шолјите и се трудев да не истурам ни капка. Ако успеев да им послужам кафе без да разлеам, ме фалеа. Тоа значеше дека еден ден ќе бидам добра домаќинка, која ќе се грижи убаво за својот дом и семејство.
Подоцна, мојот постар брат, кој имаше талент за цртање, си направи домашна машинка за тетоважи. Луѓе од нашето и околните села доаѓаа кај нас, а јас целиот ден варев кафе за сите — како во вистинско кафуле, само без наплата.
Така уште многу рано го запознав мирисот на кафето и неговото значење во социјалниот живот.
Кафето почнав да го пијам дури во средно, не од потреба, туку од желба за дружење.
По секое кафе ги превртувавме шолјите, чекавме талогот да се исуши, па гледавме какви фигури ќе се појават. Во секое друштво имаше една „гатачка“ која читаше иднина и љубовни проблеми од шолјата.
Ако некој во талогот ја здогледаше буквата од името на твојата тајна симпатија — тогаш немаше сомнеж дека таа има „посебна моќ“.
Кога се омажив, престанав да пијам кафе. Не бев навикната да пијам сама.
Дури кога за време на бременоста имав низок крвен притисок, докторот ми препорача едно утринско кафе.
Маж ми, кој исто така не пиеше кафе, почна да пие со мене — секојпат со кафе си земаше и бисквити кои ги топеше во шолјата, а јас се смеев и го задевав дека така си прави појадок.
Денес токму тој ритуал — утринското кафе во тишина — е мојот омилен момент во денот.
Тогаш мирно се разбудувам, се поврзувам со себе и се подготвувам за сè што денот ќе ми донесе.



Напишете коментар