VMESNI SVETOVI

Видливи или не



(инспирирана од филмот Adolescence на Netflix)

Некои силно ги посакуваат,
а не можат да ги имаат.
Празно срце, празни раце,
секој месец надеж – и пак ништо.

Некои ги имаат
ама залутале.
Ги злоупотребуваат, ги занемаруваат,
децата не им се дар, туку товар.

Некои би сакале да ги имат,
ама здравјето не им дозволува.
Таблети, прегледи, прашања без одговори,
телото вели не, срцето плаче да.

Некои останале бремени случајно,
но не можат да ги задржат.
Абортус, напуштање –
одлука што боли,
иако ја носат во тишина.

Има и такви,
што на своите деца гледаат со љубомора,
ги потиснуваат, саботираат,
зашто нешто им недостасува – не на детето, на нив.

Некои ги загубија прерано.
Смрт, несреќа, судбина –
името останува, телото – не.
И празнината никогаш не се затвора.

Други пак, сè уште ги имаат,
ама не ги чувствуваат повеќе.
Врската исчезната, зборовите не течат,
како срцето да ја изгубило патеката.

И на сите овие приказни им е заедничко:
детето – не е само по себе  дар.
Тоа е повик, болка, милост,
и секоја приказна – поинакво лице,
кое светот ретко го разбира.

Klikni tukaj za pesem v slovenščini https://wp.me/pgtMfN-2r

Коментари

Напишете коментар